I-ва Меѓународна конференција

Практична примена на GS1 стандардите во Здравството и бенефитите oд нивното користење

12.12.2012 (среда), во 10:00 часот, Хотел Александар Палас, Скопје

GS1 Македонија ја организираше Првата Меѓународна конференција во Македонија за „Практична примена на GS1 стандардите во Здравството и бенефитите од нивното користење“, која се одржа на 12.12.2012 година во Хотел Александар Палас-Скопје. Актуелноста на темата предизвика огромен интерес и присуство на околу 130 учесника на настанот. Меѓу учесниците беа еминентни претставници на: Министерството за здравство, Фондот за здравство, Бирото за лекови, Државен здравствен и санитарен инспекторат, лекарската и фармацевтската комора, Институтот за стандардизација на РМ, клиниките, болниците, експерти од ИТ секторот, веледрогериите, аптеките, производителите на фармацевтски производи и медицински помагала и др. здравствени установи.

Конференцијата во целост ја исполни целта - да се запознае пошироката јавност со најновите информации за користењето на Глобалните GS1 стандарди во секторот Здравство и бенефитите кои се постигнуваат со нив на меѓународно ниво, одн. обезбедуваат Глобален лек за Здравството и можат да помогнат за успешно спроведување на реформите во целокупниот Здравствен систем на Република Македонија, на кои работи Министерството за здравство. Целта на семинарот беше развој и оптимизација на употребата на GS1 глобалните стандарди и решенија, како и зголемување на општата свест за неопходноста од примената на новите технологии и методи, т.е електронско работење во сите области и сектори. Учесниците на семинарот се здобија со нови сознанија дека со имплементација на GS1 стандардите во процесот на следливост се овозможува ефикасна заштита од фалсификати на лекови, трговски брендови, се обезбедува максимална заштита на пациентите, а производителите, дистрибутерите, болниците реализираат огромни заштеди.

GS1 стандардите веќе се применуваат во многу европски држави за идентификација на лековите. Преку воведувањето на глобални стандарди во синџирот на снабдување, болниците можат да ги намалат грешките при лекување и да го подобрат управувањето со инвентарот, како и видливоста на производите и средствата.

Бенефитите од GS1 стандардите за една болница, како што рече извршниот директор, Слаѓана Милутиновиќ, прв ги осозна директорот на Специјалната болница по хирушки болести „Филип Втори“, Академик д-р Жан Митрев, кој заедно со неговиот тим пристапи кон имплементација на GS1 стандардите во целокупното работење на болницата.

Целта на конференцијата, истакна Милутиновиќ, е да го промовираме овој историски чекор напред во Македонија преку Пилот проектот кој е прв од ваков вид не само во Македонија туку и во регионот.

Конференцијата свечено ја отвори Прим. М-р Илчо Захариев, директор на Бирото на лекови при Министерството за здравство на Република Македонија. Тој истакна дека во 2007 година кога го донеле новиот Закон за лекови и медицински помагала решиле да го хармонизираат македонското со европското законодавство, ги имплементирале европските директиви и направиле Закон кој е применлив практично во Македонија, а носи правила на игра кои ги има во Европа.

-Направивме, укажа тој, Правилник за начинот на означување на лековите во кој дефиниравме имплементација на GS1 стандардите односно задолжително секој лек на кутијата мора да има бар код. Ако еден производител од Велика Британија конкретно „Глаксо“ произведува некој лек, и ако го означи согласно светските стандарди ние лесно може да го следиме тој лек во целиот систем-значи од моментот на регистрација каде сега на регистрациското решение ќе го има тој бар код, понатаму во делот на неговиот увоз, веледрогеријата, дистрибуцијата до аптеките, до здравствените установи. Тој лек можеме да го следиме од сите аспекти - неговиот квалитет, серија, неговиот рок и истовремено да утврдиме дали е фалсификуван, истакна Захариев.

Тој додаде дека над 30 отсто од лековите во неразвиените земји и 10 отсто во развиените земји се фалсификувани.

Почесен гостин и презентер на Конференцијата беше највисоката личност која го води секторот Здравство на глобално ниво, г-ѓа Ulrike Kreysa- Vice President Healthcare, GS1 Global Office, Brussels.

Гости презентери беа и еминентни експерти за GS1 стандардите: од Франција г-ѓа Valerie Marchand, од Велика Британија Jenny Gough, од Србија Мирослав Илиќ, кои ги пренесоа искуствата од нивните земји, низ теоретски и практичен приказ на користењето на GS1 стандардите во нивните земји.

Улрике Крејса- заменик претседател на Меѓународната GS1 организација од Брисел, која го води секторот Здравство, во своето излагање ги наведе причините поради кои треба GS1 стандардите да бидат прифатени, а тоа е намалување на трошоците, при истовремено зголемување на безбедноста на пациентите. Таа истакна: “Некои организации развиваат нивен сопствен идентификациски систем, електронски каталози за производите и системи за следливост, кои се функционални само во нивната организација. Други користат локално развиени системи кои се единствено функционални во границите на еден сектор или една земја.

Но, само GS1 системот на стандарди овозможува ефикасно и ефективно исполнување на различни локални и глобални барања со цел да се осигура интероперабилноста и компатибилноста во рамките на организацијата, помеѓу организациите и меѓу државите. GS1 стандардите овозможуваат уникатна идентификација и овозможуваат меѓудржавна компатибилност на решенијата во дистрибутивниот синџир. Денес, во различни сектори, се случуваат преку 6 милијарди трансакции дневно со користење на GS1 стандардите, со што се демонстрира нивната неопходност во модерното општество.

Многу водечки организации од Здравствениот сектор низ светот ги поддржуваат GS1 стандардите, со што овозможуваат поефикасни и поефективни решенија во дистрибутивниот синџир во Здравството “

Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија, низ видео презентација изврши ексклузивна прва промоција во Македонија на најновиот Извештај на McKinsey&Company, изготвен од страна на независна, неутрална, глобална, консултантска фирма која работи за светските водечки компании, влади и институции. За прв пат во светот е извршено квантифицирање на бенефитите од користењето на GS1 стандардите, поединечно за секоја група учесници во Здравствениот сектор (од производители,трговци, дистрибутери, болници, аптеки, до пациенти).

Во својата презентација Слаѓана Милутиновиќ ги изнесе најсуштинските факти од Извештајот, одн. дека со имплементацијата на GS1 стандардите долж целиот синџир на снабдување во здравството на глобално ниво може:

  • да се спасат 22,000-43,000 животи и да се спречи инвалидитет кај 700.000- 1.400.000 пациенти;
  • може да се спречи фалсификувани лекови вредни десетици милијарди долари да влезат во легитимниот синџир на снабдување;
  • може да се намалат трошоците во Здравството од 40-100 милијарди долари.

Слаѓана Милутиновиќ заклучи дека сега е време во нашата земја да се започне со имплементацијата на GS1 стандардите во дистрибутивниот синџир во здравствениот сектор во Републиката, доколку сакаме да се намалат вкупните трошоци, да се зголеми ефикасноста на дистрибутивниот синџир и подобри сигурноста на пациентите, како што е тоа случај во голем број земји во светот.

Академик д-р Жан Митрев ги образложи причините поради кои одлучил заедно со неговиот тим да започнат со имплементација на GS1 стандардите во севкупното работење во болницата „Филип Втори“. Тој истакна: “Многу сме задоволни што во GS1 стандардите го најдовме клучот за реализација на нашата стратегија и визија за развој, а тоа е воведување на интегриран систем за болничко работење, за која софтверските решенија ги изработи Логин Системи.

Со имплементацијата на GS1 стандардите ги добиваме следните бенефити: подобрена следливост, ги обезбедуваме 5-те права на пациентите, се усогласуваме со бараните здравствени стандарди за меѓународна акредитација на болницата, ја зголемуваме продуктивноста, ги намалуваме административните трошоци, ги елиминираме грешките.“ Во продолжение, во презентацијата изготвена од стручниот тим кој директно е вклучен во реализација на Пилот проектот, г-ѓа Бојана Филиповска ги изнесе и следните придобивки од баркодирањето - рационализација на целокупното работење, што подразбира: оптимизација на залиха, контрола на потрошувачка, намалување на време на работа, намалување на грешки од човечки фактор во целокупното работење на болницата. Во презентацијата на Логин Системи, г-дин Васко Карев на експлицитен и многу достапен начин за поширокиот аудиторијум ги објасни софтверските решенија кои се изготвени за апликативна примена на GS1 стандардите во болницата “Филип Втори“.

 

Корисни линкови